Сасоли: ЕУ бара начини како да им помогне на земјите од Западен Балкан

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, напиша писмо на спикерите на земјите од Западен Балкан во кое истакнува дека ЕУ бара начин како да им помогне на земјите од овој регион околу оваа криза предизвикана од Ковид-19.

„Живееме во време на предизвик без преседан, предизвикан од пандемијата COVID-19. Глобалните проблеми не можат да имаат национални решенија и, на многу начини, оваа пандемија на Коронавирус е тест за нашата европска солидарност. Институциите на ЕУ направија добро и претставија еден унитарен фронт во предлагањето на европски решенија – решенија засновани на солидарност и кои се стремат да не ги остават зад себе најранливите земји.

Западен Балкан е дел од нашето европско семејство и нивната европска определба е несомнена. Затоа, целосно се согласувам кога ќе кажете дека сите мерки преземени на европско ниво треба да ги вклучат вашите земји и во најмала рака да не предизвикаат негативни последици врз вашите напори да се справите со пандемијата COVID.

Бидете уверени дека ЕУ веќе бара начини да го вклучи вашиот регион во своите механизми за одговор. Како претседател на Европскиот парламент, ве уверувам во мојата целосна поддршка за изнаоѓање на најдобри решенија за да бидете заштитени од негативните последици од оваа криза. Добрите пријатели ја покажуваат својата љубов во време на неволја, не само во време на среќа. Ова е време за солидарност и вашиот регион треба да биде вклучен. Ако останеме обединети, можеме да излеземе посилни од кризата!“, напиша Сасоли во писмото упатено кон претседателите на Собранијата на земјите од Западен Балкан.