Обраќање на претседателот Пендаровски за коронавирусот, вонредната состојба и датумот за изборите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ќе биде ли појасно како ќе продолжи функционирањето на земјата во идните месеци по денешното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски најавено за напладне? Пендаровски се очекува да даде одговори на прашањата кога ќе има седница на Советот за безбедност и каква ќе биде одлуката за вонредната состојба поради коронакризата, што исто така би дало некаква насока и за тоа дали и кога би се одржале парламентарните избори во земјата.

Северна Македонија функционира со техничка Влада, чијшто мандат е организирање парламентарни избори, и без Собрание, кое се распушти во февруари, за да бидат организирани предвремени парламентарни избори на 12 април. Пандемијата со коронавирусот ги промени плановите за изборите, па, така тие со Уредба со законска сила беа одложени односно прекинаа изборните дејствија. Земјата е во вонредна состојба од 18 март.

Извесно е дека техничката Влада предводена од премиерот Оливер Спасовски нема да побара нова вонредна состојба или продолжување на четвртата која Пендаровски ја прогласи по Советот за безбедност на 30 мај и завршува на 14 јуни. Чекорите што ги презема Владата со носење на одредени уредби со законска сила, како онаа за продолжување на изборните дејствија, но и вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче укажуваат дека тоа овој пат нема да се случи иако во изминатите денови бројките на заразени со коровирусот се над 100 дневно, а само вчера починаа петмина заболени.

Министерот за здравство Филипче вчера на прес-конференција рече дека и покрај зголемениот број на заболени, особено во Скопје, Липково, Штип и некои други места во земјата, не треба да има продолжување на вонредната состојба, туку дека резултати ќе има само доколку има поинтензивни контроли за носењето маски и спречување на групирањето, посебно во вечерните часови.

Владејачките партии СДСМ и ДУИ се на став дека избори треба да има на 5 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ не соопштува став за датум. Медиумите се почесто пренесуваат неофицијални информации за избори во јули, но останува деновиве да биде потврдена или демантирана оваа информација. Доколку партиите не постигнат компромис, на што постојано меѓусебно се повикуваат, можно е земјата да падне во нова криза, која поради состојбите со коронавирусот може да биде и економска и политичка. Разногласие по прашањето за датум за изборите, особено кога процесот треба да се спроведат под засилени мерки за заштита од коронакризата и со различни толкувања за периодот на подготовка на изборите по прекинувањето на дејствијата, има и во Државната изборна комисија.

Во вчерашнот гостување на ТВ21 во „КликПлус“ претседателот на СДСМ Зоран Заев истакна дека изборите мора да се одржат на 5.јули, и дека се договорало со опозицијата и за 8.јули како можен датум, со тоа што претходните два дена би гласале оние кои се во изолација поради позитивни тестови на коронавирусот.

Стигна демант од ВМРО-ДПМНЕ од каде истакнаа дека не преговарале за 8. јули, и дека, како што велат „нема да газат по мртви само да има избори“.

Останува денеска после обраќањето на претседателот Пендаровски некои работи да станат појасни.