Не престанува објавувањето на „бомби“, наводно Мицкоски зборува со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за ЈО

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

И на последниот ден од изборната кампања во јавноста излегоа „бомби“. На најновите снимки наводно се слуша гласот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборува со независните пратеници за Законот за јавно обвинителство.

„Понатаму, третата активност којашто е не помалку важна, а можеби и најважна е Законот за јавно обвинителство. На комплетно нелегален начин ги префрлија предметите таму кадешто ги префрлија, и тоа за нив е сосема доволно за да продолжат политичките притисоци, уцени и закани. И имаат желба понатаму да има решение по закон, иако фингираат преговори и пред меѓународна заедница и пред нас и така натаму“, вели наводно Мицкоски.

Истиот глас во „бомбите“ зборува дека барал во општинските комитети да не ги напаѓаат независните пратеници.

„Изминатиот период како претседател на ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ја поминав Македонија, вклучително и за претседателските избори, ниту еднаш… А, во општинските комитети, секаде без исклучок, претпоставувам ви пренесуваат, барав да не бидете напаѓани“, се слуша наводно гласот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.