Ќе има ли преговори за премиер Албанец?! – Ахмети кани на средба, Алијанса/Алтернатива скептични, Беса на одмор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ќе дојде ли до тркалезна маса на албанските партии? Претседателот на ДУИ, Али Ахмети при гостување во една емисија побара од албанските партии да се сретнат и да разговараат околу идејата за премиер Албанец. Ахмети вели дека оваа тркалезна маса има за цел заедничка координација на Албанците.

„Важно е албанските партии да се сретнат, да се координираат. Јас сум оптимист, следејќи ги нивните изјави дека ние како Албанци треба да ги имаме предвид суштинските прашања кои се директно поврзани со Албанците. Треба да постигнеме согласност“, истакна Али Ахмети.

Првиот човек на Алијанса за Албанците, пак, една недела пред изборите во Изборни дебати на ТВ21, рече дека заедничката маса е „жива“ и дека може да биде свикана од страна на секој лидер на албанска партија. Како што вели, Али Ахмети не го сторил ова тогаш кога требало.

„Имаше доста повици за сите албански партии на почетокот , се сеќаваш? Ние изградивме инструмент во кој секоја албанска партија која има предлог за нешто заедничко да нѐ поврзе сите и да ја свика таа маса. ДУИ победи на изборите, имаше легитимно право да ја свика пред да го изнесе предлогот“, посочи Зијадин Села. 

Генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи Зејди, запрашан дали ќе се приклучат на идејата на Ахмети за премиер Албанец, одговори дека поканата е партиска.

„Нивната покана е лична, партиска. Ние се придружуваме на поканата за да ја вратиме благосостојбата и подобриот живот за Албанците. За нас ова е попримарно отколку некоја функција која ја измислија политичките опоненти“, додаде Скендер Реџепи Зејди. 

Околу тркалезната маса меѓу албанските партии го прашавме и Аријанит Хоџа од Движењето Беса, од кого добивме кус одговор:

„На одмор сме“, порача Аријанит Хоџа.

ДПА сега за сега немаат конечен став по ова прашање. Инаку, на изборите во 2016 година, албанските партии потпишаа Платформа, преку која ветија дека ќе се залагаат за подобрување на статусот на Албанците во Македонија.