Груевски не е повеќе почесен претседател, ВМРО-ДПМНЕ во потрага по внатрешна демократизација

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе две клучни одлуки. Го овласти претседателот Христијан Мицкоски да разговара за формирање на парламентарното мнозинство. Исто така донесе одлука за промена на статусот на партијата во правец на, како што рече претседателот на Статутарната комисија, Панче Тошковски, поголема демократизација на партијата и давање на повеќе овластувања на членството и органите на ДПМНЕ.

Овие промени се добредојдени од актуелното членство на ДПМНЕ, а се гледаат со песимизам од поранешните членови. Новоизбраниот пратеник, Антонио Милошовски, напишал дека пополнувањето на статутот претставува модернизација и значаен чекор за внатрешна демократизација на партијата.

„Ограничувањето на мандатите на Претседателот на партијата и претседателите на ОК е нов значаен исчекор, со кој за прв пат актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ става до знаење дека долговечноста на партиската функцијата не е цел сама за себе, туку дека партијата има доволно ресурси за редовно освежување на кадровските постави.“, напиша Милошоски.

Пратеничката и поранешниот член на ДПМНЕ, Нола Исмајловска – Старова, статутарните промени направени по изборите ги гледа како најава за позитивни промени во партијата, но ги оценува како задоцнети.

Новите измени на статутот на ВМРО-ДПМНЕ предвидуваат да нема “почесен претседател“. Со тоа ниту Никола Груевски нема да ја има таа титула. Но дали може да се протолкува ова како дистанцирање на партијата од Груевски?

Исмајловска – Старова вели дека би било добро Мицкоски да го одржи зборот дека ќе даде оставка доколку не победи на изборите. Таа исто така вели дека би сакала на ВМРО да и се тргне етикетата за национализам.

Старова не е прва која бара да се понесе одговорност и повлекување на Мицкоски. Вакво нешто вчера побара и пратеничката Емилија Александрова. Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, некогаш главна фигура на партијата, изјави дека Мицкоски треба да ја напушти партијата доколку не успее да формира влада. Екс функционерот и екс министер на ДПМНЕ, Никола Тодоров, во една колумна потсети на изборите од 2016 велејќи дека и тогаш, исто како и на овие избори, резултатот бил тесен, а додека ги чекале истите, како и тој, исто и Груевски знаеле дека доколку би добиле макар и еден глас помалку, ќе дале оставка.