Џафери: Собранието не може да се свика, поради Ковид-19 прв пат се воведе вонредна состојба

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Талат Џафери го препрати до шефот на државата Стево Пендаровски предлогот за воведување вонредна состојба кој беше донесен на денешната седница на Влада. Владата во предлогот го повика Собранието повторно да се состане за да прогласи вонредна состојба, но според Џафери, тоа не е можно.

„Од правен аспект со експертите заклучокот е дека Собранието не е во можност да се собере како резултат на претходната одлука за самораспуштање со што Собранието го има вратено суверенитетот кај граѓаните“, рече Џафери.

Премиерот Оливер Спасовски по одржувањето на владината седница на која беше донесена одлуката за барање вонредна состојба рече дека е потребно подигнување на нивото на заштита за да се спречи ширењето на корона вирусот.

„Мерките што досега се носеа ги дадоа очекуваните резултати. Тие мерки сега е неопходно да се надополнат да се заострат, да ги радикализираме со воведување вонредна состојба за да спречиме, колку е тоа можно уште поголем пик на корона вирусот и тоа во кратко време. Убедени сме дека таквата ескалација можеме да ја спречиме со воведувањето на вонредната состојба на целата територија на Република Северна Македонија. Заканата од масовно ширење на вирусот бара радикални мерки.“, изјави Спасовски.

И лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски оценија дека во овие моменти кога е се поизвесно дека бројот на заболени ќе се зголеми ваквата мерка е неопходна. Заев истакна дека вонредната состојба не значи и воведување полициски час, но дека граѓаните мора строго да се придржуваат до мерките. Мицкоски пак критикуваше дека овие мерки се задоцнети и дека е можно бројот на заболените да се зголеми.