На прашањето зошто не учествува на лидерските средби, лидерот на ДПА, Мендух Тачи одговор со шега:
„Јас сум лекар. Али и Зијадин за мене се сомнителни од здравствен аспект“, посочи Мендух Тачи.
Потоа ја кажа причината зошто не оди во вила Водно каде лидерите на партиите дискутираат за датумот за избори.
„Средбите кај Претседателот претставуваат компромитирачка глетка за албанските политички сили. Две македонски партии, а 5 или 6 албански“, додава Тачи.
За тоа Тачи вели дека виновен е претседателот Стево Пендаровски.
„Има желба да манипулира дека не ги почитува бројките, не ја почитува застапеноста и дека на таа средба јас имам кажано дека не сакаме да учествуваме на овие средби и да бидеме дел од маскенбалот на албанската политика“, посочи Тачи.
На двете лидерски средби Тачи не учествуваше туку како претставник го испрати потпретседателот на партијата, со цел, како што вели да не се создаде мислење дека ДПА е незаинтересирана. И синоќа во Клик Плус се дебатираше за големиот број албански лидери на средбите.
„Јас би ги замолил сите опозициски партии да се договорат и да одредат некој претседател или лидер на опозицијата“, вели Крешник Бектеши.
„Гласачите ќе ја направат таа определба. Тие лидери ќе продолжат а другите ќе исчезнат или ќе се обединат“, истакна Фљакрон Беџети.
Тачи не е прв кој изрази незадоволство за големиот број албански партии.
„Срамота е за Албанците! 6 албански делегации, а само две македонски. Една од опозиција, и една од власт. Доаѓа Беса со шест луѓе, бидејќи не си веруваа меѓу себе. Доаѓа Села со 3 или 4, доаѓа г.Тачи со 2 или 3, оди Али Ахмети со 2 или 3, доаѓа Гзим Острени со 2 и 3. Срамота“, порача Али АХмети.
На лидерските средби кај Претседателот поканети се македонските партии од власта и опозицијата кои на последните парламентарни избори со независни листи освоиле пратенички мандати.