Заев: Сите се согласивме дека избори треба да има 22 дена по завршување на вонредната состојба

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешната средба на претседателите на партиите кај претседателот на државата Стево Пендаровски, рече дека за време на разговорите биле проектирани одредени датуми за одржување на парламентарните избори, во зависност од тоа дали и за колку време би се продолжила вонредната состојба.

Според него, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата.

-СДСМ и коалицијата на сите можни начини направи демократски исчекори да се свика Парламентот и да биде ставен во функција. Претседателот на Собранието одлучи дека не може да се свика, а и Уставниот суд на двапати потврди дека не може да се свика. Со тоа денеска барем стана јасно дека единствено закажувањето на изборите е согласно Уредбата со законска сила на Владата која што се однесува на 22 дена од завршувањето на вонредната состојба во државата. Утврдувајќи ги сите овие правни  аспекти, барем еден значаен дел денеска заокруживме, рече Заев.

Истовремено, рече лидерот на владејачката партија, било важно што се проектираа одредени потенцијални датуми.

-Доколку теоретски нема трета вонредна состојба, значи дека изборите би биле на 8 јуни, ако се прогласи нова вонредна состојба од 30 дена изборите би биле на 7 јули, а ако се направи прогласување на вонредна состојба од две седмици тогаш изборите би биле на 21 јуни, а ако се прогласи вонредна состојба уште една седмица изборите би биле на 14 јуни. Така стојат правните аспекти за коишто денеска се дискутираше и немаше некои спротивставувања на правните аспекти, истакна Заев.