Заев: Одиме поблиску кон ЕУ, следува формален почеток на преговорите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, утрово на прес-конференција пред Собранието го искажа задоволството од веста дека Европската комисија го утврди предлогот на Преговарачката рамка за преговорите за членството на ЕУ. Како што кажа Заев, сега сме блиску до членство во Унијата.

Веста дека Европската комисија вчера го утврди предлогот за Преговарачка рамка за преговорите за членство во ЕУ и го достави на разгледување до државите членки, уште еднаш потврдува дека чекориме напред по патот што го исцртавме. Северна Македонија оди уште поблиску кон Унијата, македонската интеграција забрзува, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев по повод предавањето на предлог Преговарачката рамка во Советот на ЕУ.

-Оваа вест доаѓа по цели 19 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација како прв чекор кон интеграцијата кон ЕУ, 15 години од добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ, по 11 позитивни препораки за почеток на преговорите и по историската одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година, рече Заев.

Изрази очекување дека веќе наредната недела да започне дискусијата по рамката за преговори на експертско ниво, и, како што рече, во периодот пред нас рамката да биде усвоена од државите членки, со што преговорите и формално ќе може да започнат.

-Вчерашниот ден е само силна потврда дека нашата татковина сигурно чекори на европскиот пат, пат кој носи суштински реформи, владеење на правото, економски развој, здрава животна средина, силно земјоделие и шанси за подобар живот на сите македонски граѓани, тука – дома. Ова е процес што ни ја носи Европската унија дома. Со отворањето на преговорите ние почнуваме нова фаза од нашето унапредување, нова фаза од македонската европеизација, рече Заев.

Според него, тоа ќе значи и започнува побрзо воведување европски стандарди во сите области, наша интеграција во економскиот и политичкиот систем на ЕУ. -Двете стратешки определби ги остваруваме во период од само три години. Тоа е успех на Владата, институциите предводени од СДСМ, тоа е успех и на сите граѓани кои се определни иднината да ја градиме во ЕУ, посочи Заев на прес-конференцијата пред Собранието на РСМ.

Заев изрази благодарност на историското хрватско претседателство со ЕУ, што, како што рече, ни ја донесе одлуката за почеток на преговорите за членство во март оваа година.