Заев: Нападот беше обид за убиство – Груевски:  Да сакале да го убијат, ќе изваделе пиштол

Политичките лидери сосема различно го толкуваат насилствата во Собранието. Во синоќешните интервјуа за ТВ Телма, претседателот на СДСМ Зоран Заев, рече дека насилните групи кои влегоа во собранието и тепаа пратеници, беа со намера и план да извршат убиства. Груевски пак вели – да сакале да го сторат тоа ќе изваделе пиштол.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев кој помина со повреди откако припадници на движењето за заедничка Македонија влегоа во собранискиот прес центар кога тој и Талат Џафери држеа прес конференција, во синоќешното гостуваше на Топ Тема рече дека имало обид за убиство со умисла на врвот на новото парламентарно мнозинство.

“Јас сум сигурен дека целта беше убиство, мое и на неколку други луѓе и немам воопшто дилема. Службеното лице, полицаецот Аце, ја крена значката и рече ве молам отстапете дојдовме до животот на пратениците, ве молам отстапете ќе пукам. Пукна два пати во воздух. Верувам дека тоа психолошки влијаеше за да застанат со убиствените намери. „Го гледате Зијадин Села? Заклан е, вие сте следен”, ми Рекоа“, изјави Зоран Заев – Претседател на СДСМ.

На прашањата зошто полицијата не делуваше доволно цврсто за да ги спречи нападите, екс-премиерот Никола Груевски ,  нешто подоцна, повикувајќи се на изјавата на Митко Чавков од МВР, рече дека посилна полициска интервенција би довела до жртви. Направената проценка, според него била иста како и за време на протестите на Шарената револуција.

„Ако сакаше некој да го убие таму ќе го убиеше, ако била намерата да го убијат ќе изваделе пиштол и ќе го убијат. Односот на полицијата кон платените протестанти минатата година беше професионален. Дали кога беа пред владата на 5ти мај, кога повредија 40 полицајци, тогаш ли не постапија професионално?“, изјави Никола Груевски – Претседател На ВМРО ДПМНЕ.

За обвинувањата на Чавков дека СДСМ стои зад сценариото во Собранието, Заев рече дека тој го направил тоа со умисла а тоа го докажува и фактот дека неколку часа бил недостапен за министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. Од СДСМ денеска додаваат дека фактот што Груевски е единствениот кој можел да го добие Митко Чавков во моменти кога никој во државата не можеше, и дека Груевски добро опишува како може да биде извршено убиство, говори за тоа дека токму тој стои зад инцидентот во Собранието.

Михајло Видимлиски

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here