Заев на работен ручек со Мицотакис, и на средби со Сакеларопулу и Ципрас во Атина

НАШ ПРЕДЛОГ

Телефонски разговор Заев – Борисов: Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на С.Македонија

Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Северна Македонија, истакнал бугарскиот премиер Бојко Борисов во...

Повеќе од 100.000 демонстранти на улица против Лукашенко

Повеќе од 100.000 луѓе денеска излегоа на улиците на Белорусија обновувајќи ги протестите против оспорениот претседател Александар...

Трамп ќе бара Бајден да се тестира на дрога пред нивниот прв дуел

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска соопшти дека силно ќе се залага неговиот противкандидат на претседателските избори во...
-Реклама-

Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Атина, денеска ќе оствари средби со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и со лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, а утрово ќе учествува на панел дискусија за Западен Балкан на конференцијата на „Економист“, јави дописничката на МИА од Атина.

Средбата со Сакеларопулу е закажана за 12.45 часот по локално време, а од претседателската палата, Заев ќе замине на работен ручек со неговиот грчки колега, додека пак во вечерните часови, ќе се сретне со лидерот на СИРИЗА.

- Реклама -

Во однос на средбата со Мицотакис, според она што во понеделникот го најави портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, се очекува да стане збор за европската перспектива на нашата земја, за билатералните односи, како и за имплементацијата на Договорот од Преспа.

Претпладнево, во областа Лагониси, во источниот дел на регионот Атика, на почетокот од вториот ден од конференцијата на Економист – „24-та тркалезна маса со грчката Влада“, Заев, заедно со премиерот на Албанија Еди Рама ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан.

- Реклама -

На агендата се проширувањето на ЕУ и следните чекори, реформите што треба да се спроведат, трговијата и инвестициите, додека пак за политичката перспектива ќе говорат поранешните министри за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.

Заменик- претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои го придружуваат премиерот Заев за време на посетата на Атина, ќе имаат посебна програма и средби со нивните грчки колеги.

- Реклама -

Димитров ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милитиадис Варвициотис во 16 часот по локално време, додека пак Османи ќе оствари работна средба со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој ќе се сретне и со Димитров.

И додека вториот ден од посетата на Атина е од политички карактер, вчера, македонскиот премиер разговараше за енергетиката и интересот на Северна Македонија да се вклучи во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на грчкиот град Александруполи, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на Југоисточна Европа, на средбата со Христос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“.