Заев: Македонскиот јазик се официјализира – Муцунски: Одлуката не значи и членство во ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Утврдувањето на драфт верзијата на преговарачката рамка е потврда дека чекориме кон Европската унија и заедно со членството во НАТО се остваруваат стратешките цели на нашата земја. Ова го изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев кој истакна дека преговарачката рамка е и признание за македонскиот јазик, кој се официјализира во Европската унија и со тоа станува дел од големото европско семејство.

„Македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на Европската унија. Ова е уште една потврда и признание за македонскиот јазик. Ова нека биде и апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека сме го изгубиле јазикот и да престанат да ни го навредуваат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го северџански“, истакна Зоран Заев.

Иако велат дека е за поздравување секој чекор напред кон Европската унија, сепак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гледаат голем простор за славење и еуфорија од самото утврдување на преговарачката рамка. Партискиот секретар за меѓународна политика Тимчо Муцунски го негира тврдењето на Заев во однос на македонскиот јазик.

„Наведениот чин не значи дека Македонија истовремено има добиено и датум за отпочнување на преговори за членство во Европската унија. Тоа што денес СДСМ го претстави како вонреден успех е само предлог текст за преговарачка рамка. Лажна вест е фактот дека македонскиот јазик санал официјален јазик на Европската унија. Тоа ќе се случи токму во моментот кога нашата земја ќе стане полноправна членка на Европската унија“, посочи Тимчо Муцунски.

Преговарачката рамка беше утврдена вчера и тоа на првиот ден од германското претседателство со Европската унија. Преговорите започнуваат со првата Меѓувладина конференција со отворање на поглавјето 23 кое се однесува на правосудство и темелни права и поглавјето 24 на правото и правната држава,слобода, економски критериуми и реформи на јавна администрација. Одлуката за почеток на преговорите беше донесена во март годинава, а Македонија заедно со Албанија ќе бидат првите земји кои ќе ги водат преговорите според новата методологија.