Заев го одби барањето на Мицкоски – „Нема потреба од лидерска средба со човек кој нема став за ништо“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев не гледа потреба за средба со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски за прашањето за историјата и македонскиот јазик кои ги оспорува Бугарија. Во одговор за ТВ21 Заев вели дека нема зошто да седне на маса со некого кој нема став за важните прашања.

„Не гледам потреба за лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниедно важно национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор за ниту една тема, тој бара начин само како да и наштети на државата, особено на прцесите кои не водат кон ЕУ“, посочи Зоран Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоаки вчера рече дека сериозните прашања, како што се преговорите со Бугарија, се дискутираат на маса на лидерска средба.

Мицкоски додаде дека не верува дека Бугарија ќе ја блокира Македонија на нејзиниот европски пат.

Доколку Мицкоски се уште се надева на тоа, последните изјави на премиерот и вицепремиерот за европски прашања, беа скептични. Заев и Димитров изјавија дека меѓувладината конференција меѓу Скопје и Брисел предвидена за декември може и да не се случи!

Заев за ТВ21 денеска исто така рече дека јазикот, идентитетот и македонската посебност се потврдени и признаени од целиот свет. Со Бугарија, вели Заев, имаме договор за соработка и добрососедство кој е потпишан и на македонски јазик. Тој очекува во духот на овој договор да продолжи изградбата на односите, а за темите кои произлегуваат од Договорот, владата изрази волја да ги реши преку работата на комисијата.