„За македонските работи“ – Дали Бугарија станува нова Грција?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По завршување на самитот на ЕУ станува неизвесен понатамошниот тек на  македонската интеграција. Веднаш откако заврши онлајн самитот во Загреб, Борисов одржа прес конференција од која голем дел посвети за соседските односи. Порача дека Бугарија, колку што силно ја поддржува нашата земја на патот кон ЕУ, толку силно стои и на тоа дека треба да се држиме до историјата и Договорот за добрососедство. Дали со ваквата изјава Бугарија ќе стане новата Грција и пречка на Македонија на патот кон ЕУ.

„Ние први ги поддржавме за НАТО. За што не сме ги поддржале. Што треба да правиме, да излеземе и на крајот да кажеме дека сме Македонци? Ние завршивме работа, ги почитуваме и би им дал најбратски совет да не си поставуваат самите невозможни услови“, истакнува Борисов.

Техничкиот преговарач на земјата со ЕУ, Бојан Мариќиќ во изјава за тв 21 смета дека ваквите работи треба да ги прифаќаме понормално, потрезвено и со ладна глава, за да можеме разумно да влеземе во одбрана на нашите интереси во текот на преговорите и во текот на подготовката на преговорите.

„И во наш интерес е да се спроведува договорот бидејќи тој договор ќе ни биде во текот на преговорите и во текот на подготовките еден вид одбрана од неразумни барања, одбрана од премногу ширење на темите или пак прашањата за кои што би се дискутирало и тој договор и неговото почитување ќе бидат во наш најдобар интерес доколку го имплементираме правилно. Јас не верувам дека Бугарија ќе биде нова пречка, но тие решија да го истакнат тоа свое право, барање и очекување сега“, вели Бојан Мариќиќ.

Аналитичарот Алберт Муслиу, се надева дека во примерот со Бугарија нема подлегнеме како што тоа го направивме во случај со Грција.

„Јас се надевам дека овие прашања ќе им се остават на експертите, дека политичарите што помалце ќе се прават историски експерти и дека на крај со компромиси ќе се изнајде некое заедничко решение затоа што пријателството на Бугарија како и на Грција и другите ќленки од ЕУ, ни требаат во патот на нашите евроинтеграции. Не верувам дека и бугарската страна ќе оди во правец на стварање на непријатели, туку ќе оди во правец за креирање на пријателски односи. Не верувам дека ќе иамме вето согласно заклучокот на самитот за започнување на преговорите“, додава Алберт Муслиу

Земјите од Западен Балкан на вчерашниот Самит на ЕУ  што се одржа во Загреб добија порака за продолжување на реформите и поддршка за европската интеграција. На самитот се истакна и конкретната финансиска поддршка што ќе ја добијат земјите од овој регион за справување со корона вирусот.