Втор ден расправа на Македонско-бугарската комисија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Втор ден расправа на македонските и бугарските историчари денеска во Клубот на пратеници во рамки на десеттата средба на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Комисијата заседава по пауза од речиси една година, а причина за тоа била пандемијата со Ковид-19, но и изборите кои се одржаа кај нас.

За прашања и теми во насока на надминување на истриографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело разговараат вчера и денеска членовите на Комисијата, а на дневен ред е и веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Северна Македонија.

Од македонскиот тим во најавата за десеттиот состанок напоменаа дека покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани, со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи.

За содржината на разговорите официјално ќе информираат двајцата копретседавачи на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна по завршувањето на дводневниот состанок денеска во 17:45 часот во Клубот на пратеници.

Шефот на бугарскиот тим од мешовитата Комисија за историски прашања, Ангел Димитров вчера кусо пред средбата рече дека очекува да биде постигнат некаков резултат за отворените прашања.

– Почнува нешто со добри очекувања, а како ќе биде понатаму ќе видиме. По повеќе од една година се надеваме дека ќе има некаков резултат, нагласи Димитров по пристигнувањето во Скопје.

Десеттиот состанок на Комисијата, која е формирана со цел да најде заеднички јазик за надминување на разликите на двете земји во однос на одредени историски случувања, се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес, преку појаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на Унијата. Доаѓат и забелешки од бугарска страна дека целосно не се исполнува Договорот за добрососедство и дека Комисијата не работи ефикасно, но вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека ова тело работи многу поефикасно од слични вакви тела во Европа.

Шефот на дипломатијата потенцира дека е добро што Мешовитата македонско-бугарска комисија продолжува со работа и ги охрабри нејзините членови да најдат заеднички точки на приближување и одбележување на историски настани и личности.