Вонредната состојба ќе се продолжи? Спасовски не ја промени уредбата, ВМРО-ДПМНЕ се заканува со бојкот на изборите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со завршувањето на вонредната состојба, продолжуваат сите изборни активности, изјави техничкиот премиер, Оливер Спасовски. Тој ја отфрли можноста за одложување на изборите со промена на уредбата, поради тоа што, како што рече, Владата не е било каква институција и дека Уредбата за избори не може да се промени. Тој не кажа дали изборите ќе се одржат на 22 јуни, поради тоа што се уште нема одлука дали во сабота ќе заврши или не вонредната состојба.

Против датумот 22 јуни е и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на оваа партија, Христијан Мицкоски неколку пати изјави дека е за тоа изборите да се одржат подоцна а не во текот на јуни. Тој се закани и со бојкот на изборите.

Вонредната состојба завршува во сабота, а Спасовски не даде точна изјава дали ќе се бара или не продолжување на истата, со образложение дека се уште има време до сабота.

Според уредбата со законска сила – во моментот кога се завршува вонредната состојба, продолжуваат изборните активности таму каде што останале. За датум на избори имаше и лидерска средба, но заврши без консензус и без конкретен датум. Најмногу противења имаше меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.