Внуката на сенаторот Роберт Кенеди и нејзиниот син исчезнаа во водите на Заливот Чесапик

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Внуката на сенаторот Роберт Кенеди, брат на 35. претседател на САД, Џон Ф. Кенеди, и нејзиниот осумгодишен син, се водат за исчезнати откако в четвртокот вечерта повикале помош откако веслале во кајак во Заливот Чесапик, Мериленд, јавија американските медиуми.

Според Си-би-ес њуз, потрагата по 40 годишната Мејв Кенеди Мекин и нејзиниот син Гидеон, во четвртокот навечер и вчера биле неуспешна. Крајбрежната гарда на САД и пожарната служба во округот Ен Арундел, воделе молскавична потрага со чамци и хеликоптер и в четвртокот вечерта во водите на заливот нашле само превртен кајак и весло.

Кајакот се совпаѓал со описот за пловилото со кое жената и детето испловиле од домот на семејството кој се наоѓа на брегот на заливот.

Сопругот Дејвид Мекин, изјави несреќата настапила откако децата во дворот си играле со топка која паднала во водата. Неговата жена Мејв со синот отишле по топката со кајак.

-Тие едноставно отишле подалеку отколку што можат да се справат и не можеле да се вратат назад, изјави Мекин.

Од пожарната изјавија дека и покрај тоа што спасителите пристигнале пет минути по повикот, тие не можеле да го видат кајакот.

-Водените струи беа прилично силни, и нив брзо ги снема, изјавија од пожарната служба. Заливот в четвртокот била мошне разбрануван и било ветровито.

Крајбрежната гарда и пожарната служба ја продолжиле потрагата и вчера, но без успех.

-Постои ситуација тие воопшто да не бидат најдени, изјави синоќа официјално лице од потрагата.

Медиумите известија дека службите денеска ја прекинале потрагата. Мекин и нејзиниот син се прогласени за исчезнати.