ВМРО-ДПМНЕ: Од штабот на Пендаровски упатуваат навреди кон Силјановска

„Навреди, омаловажувања по пол и возраст се само дел од недоличните напади на Стево Пендаровски и неговиот тим упатени директно кон кандидатката за претседател на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Велат, логички у Бардовци треба да оди, и тоа е навреда упатена преку социјалната мрежа Фејсбук директно од шефот на изборниот штаб на Стево Пендаровски, Ѓорѓи Галетановски наречен Чомбе кон Гордана Сиљановска Давкова.

Ваквиот коментар на Галетановски предизвика низа други навредливи коментари токму преку социјалните мрежи. Со ваквите коментари се омаловажува Сиљановска и се дискредитира нејзината личност.

Стево Пендаровски пак на телевизискиот дуел со Гордана Сиљановска Давкова негираше дека било кој од неговиот тим ја навредувал Сиљановска, очигледно играјќи на краткото паметење, и притоа ветувајќи дека доколку му се дадат докази за навреда кон Сиљановска од било кој од неговиот тим, тој веднаш ќе го избрка тој лик од тимот кој што му ја води пиар стратегијата за време на оваа кампања.“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на денешната прес-конференција.