Дали во Македонија има јонизирана храна? АХВ ќе зема мостри, во октомври првите резултати

Ова е лабораторијата каде ќе се испитува дали на македонскиот пазар има храна третирана со јонизирачко зрачење. Резултатите од мострите ќе се добиваат за околу 48 часа. Доколку примерокот биде позитивен, производите ќе ја добијат ваква налепница. Иако храната третирана со јонизирачко зрачење не е штетна, сепак, според Законот за заштита на правата на потрошувачите, тие треба да знаат каква храна консумираат.

„Можеме да споредиме дома кога ги стерилизираме теглите со зимница. Таму ако стерилизираме со топлина, сега по слични методи се стерилизира со јонизирачко. Тоа е ладна стерилизација. Место да употребуваме топлина и да ги уништуваме некои нутритивни карактеристики на производот, ние на ладен начин ја правиме безбедна“, изјави Христина Спасевска, професор, координатор на проектот

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство објаснува дека јонизираната храна не е радиоактивна, напротив, таа е многу поздрава и трае подолго.

 „Најверојатно влегува таква храна во земјата и затоа ние сакаме да видиме дали тие што ја увезуваат, бидејќи се обврзани да ја означуваат таквата храна, да видиме дали тоа го работат и дали ако навистина е означена, дали ја третирале таквата храна. Се работи за подобрување на квалитетот на храната и безбедноста и продолжување на рокот. Ќе провериме дали навистина се уништени тие микроорганизми на површината на самото овошје и зеленчуци за да не дојде и да предизвика штета“, изјави Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

 Првите испитувања се очекува да започнат во октомври. 20 инспектори веќе се обучени за оваа програма. Иако јонизирана храна се користи во околу 50 земји во светот, засега не е регистриран ниту еден ваков производ на македонскиот пазар.

Репортер: Данче Азманова