Ветува реорганизација, бега од новинарите – новиот поглавар на ИВЗ не открива зошто е разрешен Сулејман Реџепи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Три дена откако Ријасетот на Исламската верска заедница го разреши поглаварот Сулејман Реџепи, в.д. на ИВЗ Шаќир Фетаху излезе за да каже дека се чувствува почесен што му е доверена оваа функција, најавувајќи реорганизација на институцијата.

Но, на крај, Фетаху замина без да одговори на новинарските прашања.

Поглаваре,  најавивте промени, зошто не почнете од транспарентност, одговарајќи на новинарските прашања???

ЛУЃЕ НА ИВЗ – Оди, оди…

Фетаху: Благодарам, благодарам…

НОВИНАРСКО ПРАШАЊЕ: Г.Фетаху, зошто е разрешен Сулејман Реџепи, која е причината?

Ниту денеска не се дозна причината зошто Ријасетот го разреши поглаварот Сулејман Реџепи. Тоа не го открива ниту самиот Реџепи, кој на Фејсбук напиша дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. Вели дека е погоден бидејќи во последно време кружеле бројни дезинформации и нецивилизирани кампањи против него, но сепак се пофали за достигнувањата и трагите што ги има оставено во ИВЗ.

-Сето ова се траги кои ја следат мојата кариера во Исламската верска заедница во РСМ. Не негирам некоја грешка која можела да ми се поткрадне во текот на работата, а за која барам извинување од Господ и верниците. За мојата работа во овие моменти имам одговорност пред Господ и законот-соопшти Реџепи.

Но, како е можно толку лесно, без да ја открие причината и без отпор да биде разрешен Сулејман Реџепи? Досега имаше неколку кандидати кои се обидоа да ја преземат неговата функцијата, но без успех. Меѓу нив е и Скендер Бузаку, кој и понатаму е претендент да застане на чело на ИВЗ. Пред неколку дена, Бузаку за ТВ21 рече дека разрешувањето на Реџепи е подготвено сценарио и ги обвини Реџепи и Фетаху за злоупотреба на средства од фитри, аџилакот и зекатот.