Утре истекува рокот – Ќе биде ли дозволена настава со физичко присуство каде што има заразени?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Утре истекува рокот за пријавување на училиштата за одржување настава со физичко присуство. Сите училишта кои сметаат дека ги исполнуваат условите имаат право да аплицираат за дозвола во Министерството за образование и наука најдоцна. Од МОН не ни одговорија колку барања добиле, само рекоа дека податоците се обработуваат. Вакво барање поднел и директорот на ОУ „Бајрам Шабани“ во Куманово, Мустафа Ебиби. Тој вели дека во ова училиште учениците можат да се вратат во нивните клупи, но дека проблем преставуваат децата од шесто одделение, паралелки каде има повеќе од 20 ученици.  

„Доставивме барање до МОН за да ни издаде дозвола за настава со физичко присуство. Најголем проблем се децата од шесто одделение, паралелки кои бројат од 22 до 26 ученици. Дадовме предлози во две варијанти –  да се поделат во групи или да се формира уште една паралелка, со цел да не останат само овие паралелки со онлајн настава“, посочи Мустафа Ебиби.

Иако поднеле барање за дозвола за физичко присуство, сепак училиштата се подготвуваат и за онлајн настава.

Пред три дена министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека во скопските училишта учениците нема да се вратат во училниците, освен децата до трето одделение. ТВ21 го праша – дали од ова се исклучени училиштата во Куманово, Прилеп, Тетово и Гостивар, каде има поголем број заразени со Ковид-19, меѓутоа не добивме конкретен одговор. Во одговорот што ни го испратија пишува:

„Донесениот став од Комисијата за заразни болести се однесува на сите општини, односно училишта. Препораката која ја даде Комисијата е во контекст на максимална претпазливост и превенција од понатамошно ширење на епидемијата од Ковид-19“, велат од МЗ.

Иако неколку училишта во Куманово, Прилеп и други општини ги исполнуваат условите и протоколите за одржување настава со физичко присуство, сепак останува неизвесно дали имаат право да организираат класична настава, поради епидемиолошката состојба во општините во кои има најголем број заразени со коронавирус.