Уште две лица починаа од коронавирусот во Грција, потврдени нови 74 случаи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бројот на жртвите од Ковид- 19 во Грција во изминатите 24 часа се зголеми на 28, откако уште две лица починаа, додека во земјата се регистрирани нови 74 позитивни случаи, односно вкупно 966 граѓани се заразени со коронавирусот, според последните официјални податоци од Министерството за здравство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На одделите за интензивна нега, хоспитализирани се 66 лица, 65 се приклучени на апарати, а 52 лица се пуштени од болница.

Просечната возраст на починатите е 73 години, а 23 се мажи и пет жени.

Во Грција, до сега, анализирани се 13.477 примероци

Заменик – министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас,

И претставникот за коронавируст од Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас, на денешната прес конференција се задржаа и ја истакнаа важноста сите граѓани доследно да ги почитуваат превентивните мерки, односно забраната за движење.

-Текот на епидемијата на вирусот во нашата земја продолжува. Некои региони повеќе страдаат од вирусот и неговото ширење, а некои ќе следат во иднина, доколку не продолжиме со внимателноста и придржувањето кон мерките. Мерките се однесуваат подеднакво на сите. Сите учествуваме и можам да кажам дека секој ден извојуваме мали победи. Но, војната продолжува, рече Циодрас.

-Водиме војна со пандемијата. Војна која не треба и немаме право да ја изгубиме. Исходот ќе зависи од секојдневните битки што сите ние ги водиме, од нашата дисциплина и од нашето трпение. Секој ден треба да бидеме победници, а начинот за да го постигнеме тоа е еден – остануваме дома за да ги заштитиме оние кои што ги сакаме, за да ја добиеме војната, за побргу да му се вратиме на стариот живот, на старите навики. Остануваме дома и за тоа нема преговарање, порача Хардаљас.