Урвич го условува водоводот во Синичане, Џемаили: Проектите се спроведливи, но потребни се средства од Влада

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Мештаните на Урвич ја условија изградбата на водоводната мрежа во Синичане. Иако сите засегнати страни на средбата изјавија дека има напредок во преговорите, сепак жителите на Урвич, велат дека се против работните активности за изградба на водоводна мрежа во Синичане, сѐ додека не се реализираат пет проекти во нивното село. Според градоначалникот на Боговиње, Аљбон Џемаили, барањата се остварливи, но Владата треба да помогне со финансиска поддршка.

-Средбата беше конструктивна. Но, и жителите на Урвич имаа неколку барања. Всушност, излегоа со 5 барања. Јас мислам дека тие барање се остварливи и треба да им се помогне. Бараат да се замени дотраениот цевковод, а за да ги реализираат нивните барања бараат средства од Владата. Имаат уште четири барања, но не сакам да ги откријам поради процесот, и за да не дојде до разни ситуации и недоразбирања-вели Џемаили.

Според Џемаили, жителите на Урвич се против продолжување на активностите во Синичане, додека не добијат ветување за нивните барања. Околу ова прашања, претставникот на месната заедница на Урвич не говореше пред камера. Само рече дека има напред во преговорите.

Претставниците на месната заедница на Синичане, пак, не се против барањата на Урвич, и додаваат дека додека не се изнајде прифатливо решение, нема да запрат со протестите.

-Додека не се повлече полицијата, ќе останеме таму. Постојано ќе бидеме таму и нема да заминеме-велат од месната заедница на Синичане.

Инаку, мештаните и денеска продолжија со протестот, изразувајќи го нивниот револт поради прекинот на активностите за изградба на водоводна мрежа во Синичане. Протестот уследи откако полицијата ја стопираше работата и не дозволи да продолжат изградбата. Наредната средба во Влада ќе се одржи во вторник, каде останува да се види дали ќе бидат прифатени барањата на селото Урвич и дали ќе продолжи работата за изградба на водоснабдителниот систем.