Улица „Македонија“ претворена во паркинг, граѓаните се жалат, општината најавува санкции

Ова е улица „Македонија“, простор наменет за пешаците. Но, тука непречено се движат и автомобили. Освен што им пречат на граѓаните во текот на прошетката, возачите паркираат без дозвола низ целата улицата.

Оваа госпоѓа живее во близина. Таа вели дека секој ден поминува низ улица Македонија, но не може да прошета слободно од автомобилите кои постојано поминуваат од тука.

-Секој ден излегувам да прошетам, живеам во близина. Оваа зона треба да биде само за пешаци. Овде поминуваат со колички, деца, како и ние повозрасните. Треба забрана за било какво возило.

-Како не ни пречи, зошто од овде да поминуваат автомобили? Не е во ред.

Еден друг граѓанин излегол да прошета со детето во количка. Тој вели дека низ Скопје има многу вакви случаи.

-Овде и покрај Кеј е голем проблем, покрај Кеј не може да се помине. Јас возам велосипед кога е убаво времето, но има многу автомобили паркирани покрај рестораните – вели еден граѓанин.

Од Општина Центар велат дека право на движење низ имаат само автомобили кои имаат дозвола за снабдување на дуќаните. Велат дека постојано ги санкционираат возачите кои ги паркираат своите автомобили и дека ќе преземат построги мерки.

Најниската казна е 2500 денари ако возилото го крене пајак служба и 6000 денари ако сте паркирани на зелена површина. Возилата кои имаат дозвола имаат право да паркираат на улица „Македонија“ само во времетраење од 15 минути.

Од општината велат дека во соработка со Град Скопје ќе постават електронска рампа, со цел во иднина од тука да минуваат само возила кои имаат дозвола.

Репортерка: Алмедина Исмајли