Три опции за Универзална сала – Шилегов најави можно референдумско изјаснување на скопјани

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Три опции се на маса за решение на состојбата со Универзална сала, изјави првиот човек на град Скопје Петре Шилегов. Тој појасни дека се уште нема никакво конечно решение и дека се уште е во рамки на дебата, иако деновиве имаше лавина реакции во јавноста откако беше објавен конкурс за поставување отворена летна сцена на локацијата каде што е сега Универзална.   Шилегов најави можност за одржување на референдум доколку не се постигне консензус околу едно идејно решение.

„Првата опција е уривање на Универзална сала и изградба на нов објект на постојната локација. Втората е уривање на Универзална сала со дислокација и заштита на просторот со конкурсот кој што е во тек и третата, што е мој личен фаворит, е реставрација на постојниот објект и изградба на нов културен објект на друга локација која што ќе биде дополнително определена. Јас сум до таа мера спремен откако ќе ги разработиме сите солуции, сите три бидат ставени на референдумско изјаснување на граѓаните на Скопје“, истакна Петре Шилегов.

За можноста за реновирање на постојниот објект Шилегов вели дека не е добра опција бидејќи тоа би чинело околу 17 милиони евра кои градот ги нема на располагање. Засега градот има на располагање само 500 илјади евра што би можеле да бидат искористени за конкурсите.  До крајот на годинава, вели тој, треба да бидат затворени сите постапки за потоа да се добие финансиска поддршка од Владата преку неколку буџетски години.

„Фактот што ние сме влезени во капиталните инвестиции како град  со Универзална сала е некаков си вид гаранција дека Владата ќе застане зад целосно финансирање. Треба да го избереме оптималниот модел со цел да влеземе во реализација на Универзална сала“, посочи Шилегов.

Реагираа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје од каде велат дека ветувањата на Шилегов за реконструкција на Универзална не ги исполнува.

„Шилегов се однесува како подвоена личност. Еден ден вели ќе ја гради Универзална сала, друг вели ќе ја руши, а третиот лее крокодилски солзи за салата и пак не нуди решение. Сето е доказ за неговата неспособност“, велат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Објектот на Универзалната сала е изграден како симбол на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 63-тата а со донации од многу земји. Во употреба беше пуштен во јануари 1966 година, но поради неговото пропаѓање, веќе 5 години е затворен.