Три лица од Радовиш со казнен налог за Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во текот на денешниот ден Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе Предлози за издавање казнен налог против три лица обвинети дека сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, двајца од обвинетите спротивно на Одлуката на Влада на Р.С.Македонија за забрана и посебен режим на движење со која се забранува движење на населението од 21 до 6 часот, со ПМВ ,,Цитроен“ се движеле по булеварот Александар Македонски каде биле запрени од страна на полициски службеници на МВР ПС Радовиш. Обвинителството му предложи на судот на обвинетите да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја во висина од по 10 евра во денарска противвредност.

Третиот обвинет откако на 18 овој месец допатувал со товарно возило од Р.Грција – земја со среден ризик со зараза согласно Листата на Светската здравствена организација.На граничниот премин ,,Богородица“ бил запознаен со мерката за задолжителна самоизолација согласно Одлука за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус – COVID-19.  На 20 март ја прекршил мерката за самоизолација и при извршена проверка од страна на полициски службеници на МВР ПС Радовиш не бил затекнат во неговиот дом. Обвинителството за овој обвинет предложи да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја во висина од по 20 евра во денарска противвредност.​