Традиционално по повод „28 септември Денот на Бошњаците“ од печат излезе збирката поезија „Мостови на пријателство 4“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По повод одбележувањето на „28 Септември – Меѓународен ден на Бошњаците“, четврти пат по ред во издание на „Диван“ од печат излезе збирката поезија „Мостови на пријателство 4“ од група автори од Северна Македонија и поширокиот регион.

Во книгата се застапени песни на 82 автори и на 180 страници се наоѓаат стихови со кои се гради и развива љубов и разбирање меѓу луѓето во нашата земја и пошироко. Песните се пишувани на јазиците од регионот: босански, македонски, српски, хрватски, црногорски, албански, турски, словенски, влашки јазик и др. Во неа се наоѓа културното и духовното богатство на различните култури, песни, содржини, стилови, стихови римувани и слободни, пораки, стилски фигури и форми на поезија, но по содржината во целина како и претходните три, збирката е универзална и космополитска.

„Поетите градат мостови и можат да премостат сé, спојуваат луѓе со стиховите, ги афирмираат универзалните вредности, пријателството, љубовта, мирот, слогата, слободата. Животот се состои од мостови кои ги спојуваат световите, културите, народите, религиите. Книгата претставува многу значаен придонес на бошњачката и македонската книжевност, како и на книжевноста во регионот во целина.“ – пишува во делот од рецензијата познатиот поет Авдулах Рамчиловиќ.

Со честитки до Бошњаците во светот идејниот творец на првото издание Д-р Зеќир Рамчиловиќ изјави: „Сакаме преку поезијата да испратиме порака дека сме најсилни кога сме сите заедно, а да е нашиот мултикултурализам и мултијазичност нашето најголемо богатство, а пораките со кои се градат мостови на пријателство универзални. Благодарам „Диван“ што по четврти пат го зголемувате значењето на Денот на Бошњаците со подарокот до сите народи во Северна Македонија и регионот.” 

Како наведуваат од „Диван“, заради епидемиолошката ситуација, традиционалната промоција по повод „Денот на Бошњаците“ нема да се одржи во овој период.

Печатењето на збирката е подржано од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија“.