Тетово од 2013-та чека јавен превоз – автобусите никако да пристигнат, сега виновен е коронавирусот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Тетово никако да добие јавен превоз. Неколкупати беше ветувано, но автобусите никако да почнат да сообраќаат низ градот.

„Јас Тетово го гледам како урбан град со ефикасна патна инфраструктура и редовни линии на јавен превоз“, истакна Теута Арифи.

Вака зборуваше Теута Арифи во 2013 година, кога јавниот превоз беше едно од главните ветувања. По 6 години, градоначалничката на Тетово, во февруари годинава рече дека општината веќе обезбедила средства за 5-те автобуси.

„Вредноста на автобусите изнесува околу 900 илјади евра. Како резултат на успехот на овие два проекта, Светската банка ни нуди грант во вредност од 27% од реализација на овие проекти“, посочи Арифи.

Веќе сме средина на мај, а сега изговорот е дека поради коронавирусот не може да се распише тендер. Од Претпријатието за јавен превоз, кое беше основано токму за оваа намена, за одолговлекување на постапката прстот го вперија во владата кон Владата.

„Постапката за набавка на автобусите од страна на Општина Тетово е готова, меѓутоа со владина одлука, поради пандемијата со Ковид-19 и вонредната состојба, укинати се сите постапки поврзани со потпишување на договори и распишување на набавки за државните органи и единиците на локалната самоуправа“, велат од Претпријатие за јавен превоз – Тетово.

Граѓаните постојано се жалат што во градот нема јавен превоз, иако во Тетово живеат над 120 илјади жители и има два универзитета.