Судија и обвинител во изборна кампања?! – Рускоска: Поднесов опомена до ВМРО-ДПМНЕ – Кацарска: Ова не е прв пат!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Традицијата продолжи. Нова изборна кампња, со стари идеи за црна кампања. Изборни спотови во кои се презентираат неуспесите на противникот, наместо проектите за кои ќе се залагаат како идна Влада.

„Проблеми ми направи, имам претчувство дека Вилма ќе те викне да си одбереш за што да ти покрене обвинение“.

Ова е дел од изборен спот на ВМРО-ДПМНЕ. Се користи името на обвинителкара Вилма Рускоска, која пак вели дека веќе поднела опомена пред тужба до ВМРО-ДПМНЕ.

„Никогаш не сум била член на ниту една политичка партија, што може лесно да се провери. Јас сум единствен обвинител кој од осамостојување па до сега има поднесено обвинение за потпретседател на Собраниет од тогаш владејачката партија. И зошто ме споменуваат спотовите навистина не ми е јасно, но сметам дека е недозволиво“, истакна Вилма Рускоска за ТВ21.

Во ново објавен спот од истата партија, се наоѓа и ликот на судијата од Кривичниот суд, Добрила Кацарска. Таа вели дека со оваа негативна кампања партијата си прави само штета врз партијата.

„Ова не е прв пат, Мицкоски и неговата партија да ме споменуваат мене и во кампањата за претседателските избори имаат спотови каде што се споменувам јас. Со ваквата негативна кампања, сметам дека прават повеќе штета на својата партија. Партиите добиваат државни пари, за да ја рекламираат својата програма и своите кандидати. Со оглед на тоа што јас не сум кандидат за пратеник на друга политичка партија, произлегува дека тие ги злоупотребуваат парите на даночните обврзници“, посочи Добрила Кацарска за ТВ21.

Кацарска додава дека со ваквата кампања, Мицкоски покажува дека не е за борба против организираниот криминал и корупција и можеби тој како кандидат за премиер ќе го штити криминалот и ќе поддржува судии кои ќе работат спротивно на законот.

Во однос на спотот сите совпаѓања велат од ВМРО-ДПМНЕ се случајни, освен оние кои не се!

„Не очекувавме на Вилма Рускоска и Добрила Кацарска да им се допаднат спотовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ја отсликуваат вистината, исто како што на Македонија не и се допаѓа тоа што во државата се амнестира криминалот“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

На првата половина од изборната кампања, комуникологот, Бојан Кордалов вели дека партиите губат начин како да се презентираат себе си и што е она што ќе го направат.

„Овој макијавелистички пристап на целта ги оправдува средствата кои пре често ги гледаме во сите кампањи. Граѓаните веќе навикнаа на ова. Но тоа не е позитивно, тоа значи дека се поголем број на граѓани денес се оттргнуваат од пратење на целокупната изборна камапања и губење желба за се она што партиите има да го кажат“, порача Бојан Кордалов.

СДСМ со својот спот „Во каква земја сакаме да живееме“ се обидува да спинува, бидејќи преку сцени од кумановските настани кажува дека тогашната власт предводена од Никола Груевски ја користела секоја можност за разгорување на етнички тензии, верски и политички поделби“.

Сепак, Груевски веќе не е лидер на ВМРО-ДПМНЕ, па не мора да значи дека при евентуална промена на власта  по дефиниција би се пресликала потполно истата ситуација како во времето до 2016 година.

АВМУ реагираше и за изборните спотови на ДУИ каде што се појавуваат малолетни лица, а од почетокот на овој месец телевизиските станици кои ќе продолжат со емитување на истито ќе бидат предмет на прекршочна постапка.