Србија утре гласа на парламентарни, покраински и локални избори, опозицијата го бојкотира гласањето

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Наместо на 26 април, поради епидемијата на коронавирус, Србија утре, на 21 јуни гласа на редовните парламентарни, покраински и локални избори. Своето гласачко право ќе можат да го искористат 6.583.665 граѓани на 8.386 гласачки места, меѓу кои и на 90 места во Косово и во 42 амбасади на Србија.

Граѓаните на Србија ќе бираат пратеници за Националното собрание, во кое има 250 пратенички места. Истиот ден, граѓаните на Автономната покраина Војводина ќе избираат и 120 пратеници на Покраинското собрание, а ќе се гласа и за локалните собранија во градовите и општините на Србија.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, овие избори во Србија, од доаѓањето на демократијата и повеќепартискиот систем ќе останат забележани по две карактеристики. Едната е епидемијата на коронавирус, вонредната состојба и полицискиот час, поради што тие беа одложени за в недела на 21 јуни, во услови на се уште прогласена состојба на епидемија. Поради тоа, Републичката изборна комисија (РИК) пропиша дека на сите членови на избирачките одбори утре ќе им бидат обезбедени одредени мерки на заштита, маски и ракавици. Самите гласачи не мора да носат маски, но РИК препорача истите да се носат и за сите гласачи обезбеди маски за денот на гласање.

Втората карактеристика на утрешните избори е прогласениот бојкот на поголемиот дел на опозицијата, собрана околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС). Овој дел од опозицијата смета дека во Србија не постојат минимални услови за одржување фер и демократски избори и дека со учеството на изборите се дава легитимитет на власта чиј бастион е Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ.

Од средината на минатата година, власта и опозицијата, со посредство на медијаторите од Европскиот парламент, половично водеа разговори околу подобрување на изборните услови, кои донекаде беа корегирани, но без регулирање на „слобода на медимите“, што бараша опозицијата и со намалување на изборниот цензус на три проценти, на барање на Вучиќ, со желба за излегување на изборите на помалите опозициски партии.

Со тоа во Србија имаше две кампањи-едната изборна, на власта и втората за бојкот на „лажните избори“ и борба за „слободни и чесни избори“ на опозицијата, кампањи кои во Србија доста бурно започнаа речиси една година пред распишувањето на изборите.

Кампањата на власта, во услови на епидемијата беше насочена пред се на економски теми, големиот број на странски инвестиции и инфраструктурни проекти, без масовни собири, но со огромна медиумска кампања, делења на респиратори на болниците…..

Опозицијата по протестите „Еден од пет милиони“, кампањата за време на епидемијата ја пренасочи со „Бучава против диктатурата“ со удирањето во тенџериња, штрајк со глад на лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ и објаснување за причините за бојкот преку медиумска кампања во малубројните „нережимски“ медиуми.

-Ги повикувам сите граѓани на Србија, поради себе и своите деца да излезат на избори. Да му покажеме на целиот свет колку сме обединети, бидејќи Србија може, сака и мора да победува во се, во економијата и според стапката на раст, порача во петокот претседателот и лидер на СНС, Александар Вучиќ, во прогласот пред почетокот на предизборниот молк.

Во изјавата која за МИА во име на СзС ја даде лидерот на ДС, Зоран Лутовац, тој ги објасни причините за бојкотот и што потоа.

-Ние со овој чин направивме прв чекор за легитимизација на мнозинскиот дел на граѓаните на Србија, кои сакаат суштински промени во Србија. После 21 јуни, ние ќе бидеме тие кои се профилирале како вистинска алтернатива на Александар Вучиќ, неприфаќајќи да учествуваме во неговите лажни, нечесни и недемократски избори, кои служат само за да се легитимизира тоа што досега го работеше и она што го планира во иднина, кажа Лутовац.

Во согласност со ставовите на власта и опозицијата, партиите во Србија веќе од почетокот на годината се определуваа кој ќе излезе, а кој ќе ги бојкотира изборите.

Граѓаните на Србија кои утре ќе излезат да гласат ќе избираат за 21 листа: Александар Вучиќ-За нашите деца (СНС), Ивица Дачиќ-СПС-ЈС-Драган Марковиќ Палма, Воислав Шешељ-Српска радикална партија, Сојузот на унгарците во Војводина-Иштван Пастор, Александар Шапиќ-Победа за Србија, За Кралството Србија-Жика Гојковиќ,Обединета Демократска Србија, Муамер Зукорлиќ-Само право -Партија на правдата и помирувањето-Демократска партија на Македонците, Метла 2020 година, Милан Стаматовиќ-Здраво до победата-Драган Јовановиќ-Подобра Србија-Здрава Србија, СДА Санџак-Сулејман Угљaнин, Народен блок -Велимир Илиќ и генерал Момир Стојановиќ.

Свои кандидати понуди и крајно десничарската Левијатан-Живеам за Србија и Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски-Српска партија Заветници, но и Социјализам единствениот излез, Нека паѓаат маските-Зелена партија-Нова партија и Албанска демократска алтернатива-Обединета долина и суверенитет.

Бојкотот на сите три нивоа го најавија партиите собрани во опозицискиот блок Сојуз за Србија (СзС), во кој меѓу другото се Демократската партија (ДС) на Зоран Лутовац, Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, Двери на Бошко Обрадовиќ, Народната странка (НС) на Вук Јеремиќ и движењето „Да не го давиме Белград“.

Од опозициските партии кои се предомислија за бојкот на изборите, и ќе учествуваат на парламентарните избори се партиите на поранешниот премиер Зоран Живковиќ-(НОВА), ЛДП на Чедомор Јовановиќ во Коалицијата за мир, Предраг Чанак со ЛСВ, Движењето на слободни граѓани (ПСГ) на Сергеј Трифуновиќ, Доста беше (ДЈБ) на Саша Радуловиќ и дел од движењето „Еден од пет милиони“.

Некои од партиите кои најавија бојкот на изборите на републичко ниво, ќе учествуваат на локалните избори, на неколку места, како што се Шабац и во белградската општина Врачар- партијата на Борислав Тадиќ (СДС).

Македонците во Србија на престојните избори искачаат согласно политичката сцена во оваа држава. Демократската партија на македонците (ДПМ) во коалција со Муамер Зукорлиќ и неговата Партија на правдата и помирување (СПП) излагаат на изборите, додека Партијата на македонците во Србија (СМС) во коалиција на Демократската партија (ДС), а со тоа и Сојузот за Србија (СзС) одат во бојкот на изборите.

Според аналитичарите победникот на изборите веќе е познат. Тоа е СНС на Александар Вучиќ, кој очекува над 50% од гласовите на оние кои ќе излезат и СПС на Ивица Дачиќ кој очекува 11% од гласовите.

Она што според аналитичарите е специфично е тоа што преку овие избори и бојкотот, има борба за позиционирање во опозицијата, за некои идни избори.

Најсликовита оценка даде новинарот и програмски директор на Демостат, Зоран Пановиќ, кој изјави дека „идниот парламент, нема да го преслика вистинското политичко расположение.“

-Просечната излезеност во Србија е 55 отсто. Тоа е 3,5 до 4 милиони луѓе. Ако излезат три милиони, тоа би значело дека бојкотот успеал. Ситуацијата е малку необична, иако СНС има шанса најмногу досега да искористи, мислам дека Вучиќ би сакал да земе помалку, да тоа биде културолошки прифатливо за Европа, кажа Пановиќ.

Утрешното гласање на изборите,ќе биде проследено со многу малку странски набљудувачки мисии чии извештаи ќе бидат основа за институциите на ЕУ да ја проценат исправноста и демократијата во изборниот процес на Србија.

Гласањето ќе го следат од ограничената набљудувачка мисија на ОДИХР, мисијата ЕНЕМО (Европска мрежа на организации за мониторинг на изборите) и домашни набљудувачи од владината Агенција за борба против корупцијата и невладините организации ЦРТА и ЦЕСИД.

На денот на изборите, на 21 јуни, избирачките места ќе се отвораат во 7:00 часот и се затвораат во 8:00 часот.

Резултатите од изборите РИК ги објавува во Службен весник, не подоцна од 96 часа по завршувањето на гласањето.