Спасовски: Со завршување на вонредната состојба продолжуваат сите изборни дејствија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со завршување на вонредната состојба продолжуваат сите изборни дејствија. Одлуката е на претседателот дали ќе продолжи. Ние до крајот на неделата мораме да ги завршиме тие анализи и да одлучиме дали ќе бараме или не продолжување на вонредната состојба, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање дали укинувањето на рестриктивните мерки значи и дека ќе се укине вонредната состојба.

– Вонредната состојба воопшто не се врзува со рестриктивните мерки. Рестриктивните мерки ги носиме врз основа на Законот за заштита на населението и здравјето на населението и на основа на тоа ги донесовме рестриктивните мерки за движење, рестриктивните мерки во делот на работењето на рестораните, на угостителските објекти, на автошколите, на испитните центри, секаде каде што постоеше сериозен ризик да имаме можност за ширење на вирусот Ковид-19, рече Спасовски.

Тој истакна дека се прават анализи на кој начин полесно ќе се справуваме со состојбата, имајќи предвид, како што рече, дека сме единствената држава во светот во која што не работи Парламентот и едноставно како механизам останува само носењето на уредби со законска сила.

– Врз основа на тие аргументи и анализи ќе цениме дали ќе побараме или не продолжување на вонредната состојба. Одлуката е на претседателот дали ќе продолжи. Ние до крајот на неделата мораме да ги завршиме тие анализи и да одлучиме дали ќе бараме или не продолжување на вонредната состојба. Доколку бараме продолжување секако одлуката ќе биде на претседателот дали ќе продолжи вонредната состојба или не. Меѓутоа, реков, рестриктивните мерки, олеснувањето на тие мерки не зависат од вонредната состојба, рече Спасовски.

Премиерот напомена дека со завршување на вонредната состојба продолжуваат сите зборни дејствија.

– Нам ни преостануваат уште 22 дена во рамки на Уставниот рок од 60 дена од распуштање на Парламентот до одржување на изборите, така што вонредната состојба го детерминира датумот на изборите. Вонредната состојба завршува во сабота, денеска сме среда, имаме уште денови за да донесеме одлука. А кога ќе ја донесеме ќе ве известиме благовремено, рече тој.

Во врска со датумот за избори, Спасовски повтори дека Владата донесе Уредба во однос на изборните дејствија, што беше разгледана од Уставниот суд врз основа напреставка до Уставниот суд.

– Уставниот суд донесе одлука дека Уредбата е заснована на Уставот, дека е валидна во управниот систем во Република Северна Македонија. И сега нема можност ние да се преиспитуваме дали таа одлука е добра или не. За тоа кажал Судот дека е добра, а одлуките на Уставниот суд не се коментираат, тие се спроведуваат. Така што, политичките лидери треба да имаат предвид дека кога донесоа одлука за одлагањето на изборите, се донесе Уредбата со која се одложија изборите и денеска треба да знаат дека се детерминираат изборите од денот на завршувањето на вонредната состојба. Дваесет и два дена откако ќе заврши вонредната состојба треба да се одржат изборите, рече Спасовски.

Тој повтори дека Уредбата не може да се менува како што некому му одговара, заради тоа што имаме уставен рок од 60 дена кој што укажува дека од моментот на распуштањето на Собранието изборите треба да бидат одржани во рок од 60 дена.

– Ние имавме 38 дена, па вонредна состојба, со Уредбата се прекинати сите рокови во изборните дејствија, остануваат уште 22 дена и на основа на тоа треба да се цени. Единствено е прашањето дали ќе има потреба за прогласување на вонредна состојба од аспект на тоа како ќе можеме да се справуваме со економската криза во наредниот период. Јас затоа очекувам дека би имало дијалог помеѓу политичките партии, помеѓу лидерите на политичките партии и на основа на тој дијалог да се носи одлуката во рамките на роковите коишто се предвидени, рече Спасовски.