Скопје во тишина, втор ден полициски час – на некои места не се почитува забраната за движење

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Земјата се наоѓа во втор ден од полицискиот час кој почна вчера во 11 часот, а ќе заврши утре во 5 часот наутро. Полицискиот час беше воведен поради двата празника, Св.Кирил и Методиј и Бајрам со цел спречување на ширење на коронавирусот за текот на овие денови“, истакна репортерката на ТВ21.

Но, иако е воведен 42-часовен полициски час, сепак во некои делови од градот не се почитува мерката за забрана за движење. Во Чаир, иако имаше полициски патроли, сепак беше забележано движење.

Децата и возрасните слободно се движеа по улиците.

На улицата кај Јаја Паша забележавме уште поголемо сообраќање на возила. На други улици во градот беше помирно. Немаше движење на луѓе, а единствените возила кои ги забележа камерата на ТВ21 беа таксистите, Брзата помош и полициските возила.

Освен полициски час, денеска е и неработен ден, па поради тоа раздвиженоста уште повеќе зачудува. МВР извести дека во изминатите 24 часа на ниво на државата, 107 граѓани го прекршиле полицискиот час, од кои 76 се приведени, а за останатите ќе бидат преземени соодветни мерки. Во однос на мерката за неносење заштитни маски, регистрирани се 82 прекршоци. За последните 24 часа на 29 лица им се издадени решенија за изолација, а 13 лица потпишале изјави за самоизолација.