Скандал со досиејата на Специјалниот суд за Косово, оставка на меѓународен обвинител

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Илјадници документи на Специјалниот суд за Косово, со доверливи информации за досегашниот тек на истрагите за воени злосторства во последната војна во Косово, се предадени од страна на маскирани лица во два наврати, пред една недела и денеска, во Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ на ОВК), јави дописникот на МИА од Приштина.

Како последица на протекувањето на доверливите податоци од истрагите за поврзаноста на голем број припадници на ОВК, меѓу кои и нејзини основачи и водачи, денеска оставка поднел заменикот главен меѓународен обвинител, Кваи Хонг Ип, тврди „Газета експрес“, повикувајќи се на сопствени извори во Хаг, каде што се сместени Трибуналот и Обвинителството.

Приштинскиот портал го контактирал Обвинителството при Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, меѓутоа од таму одбиле да ја коментираат информацијата за оставката на Ип.

Истражители на Трибуналот денеска по вторпат извршија претрес во просториите на ветеранската организација на ОВК во косовскиот главен град и заплениле класификувани документи, кои денеска таму ги доставиле маскирани лица.

Засега се уште не е познато кој и со каква цел му ги доставил документите на ОВЛ на ОВК, но извесно е дека се работи за оригинални досиеја, кои содржат детали со податоци од досегашните истраги и со имињата на сведоците кои биле испитувани.

Претседателот на ОВЛ на ОВК, Хисни Гуцати, кој во присуство на адвокат им ги предаде документите на хашките истражители, изјави дека намерата му била да ги натера истражителите и обвинителите на Трибуналот „да признаат дека тој материјал е нивен“.

– Ние побаравме од нив да ни кажат како протекуваат од кај нив тие документи и досиеја, но тие не знаеја да ни одговорат. Меѓутоа, како што кажа и нашиот адвокат, Том Гаши, тие де јуре признаваат дека документацијата, односно досиејата се сопственост на Специјалниот суд, односно не се фалсификувани, изјави Гуцати.

Тој додаде дека лицето кое денеска ги доставило материјалите не било истото од пред една недела, затоа што првиот знаел точно каде да се упати, додека овој денеска, според видео-снимките кои ги поседува ОВВ на ОВК, го промашил влезот во просториите на организацијата и првин влегол во еден ресторан во близина.

– Единствената работа што ја кажа кога ни ги остави материјалите беше дека „ќе има уште“, информира Гуцати.

Обвинителството при Специјалниот суд  со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „суд за ОВК“ ги истражува претпоставените воени злосторства за време и непосредно по последната војна во Косово, односно во периодот од јануари 1998 до декемвери 2000 година.

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Меѓу последните кои беа повикани во Хаг, како осомничени, се и двајца од основачите и водачи на ОВК, актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели, како и шефот на главниот штаб на ОВК, подоцна и премиер на Косово, генералот Агим Чеку.