Сите детали за денешниот грабеж во НЛБ банка – ограбувачите во бегство, автомобилот го запалиле

Полицијата ја опколила НЛБ Тутунска Банка спроти Општина Чаир. Маскирани и вооружени лица утрово влегле и ја ограбиле банката.

Крадците откако ги зеле парите, со свое возило избегале во правец на Бутел, по улицата која води кон гробиштата. Тие застанале на едно место и го запалиле автомобилот од тип Голф и избегале во непознат правец.

ТВ21 го пронајде местотот каде е запален автомобилот но полицијата не дозволила да се снима.

Според очевидци,  4 лица со црни маски влегле во банката и испукале со огнено оружје, но од МВР велат дека нема повредени.

-На 15.04.2019 г. во 10.36 ч. пријавено е разбојништво од страна на  неколку лица со оружје  во банка на ул.Ферид Бајрам кои одзеле пари. Од страна на сторителите бил физички нападнат Е. Е. (26), кој е вработен како обезбедување во банката. Повредени лица од оружје нема.Веднаш по добивањето на пријавата, презмени се мерки и активности од полициски службеници.Ова е првична информација.-соопштуваат од МВР.

Од НЛБ велат дека парите на клиентите се безбедни, бидејќи банката има осигурување на имотот и нејзините средтсва. Од Банката информираат дека соработуваат со надлежните и се надеваат дека ќе има брзи резултати од истрагата.

-Утринава во експозитурата Чаир на НЛБ Банка се случи вооружен грабеж. Клиентите кои се затекнаа во нашата експозитура и вработените на Банката се безбедни и во добра состојба.

Во овој момент, Банката соработува со надлежните органи за најбрзо и ефикасно решавање на случајот. Средствата на нашите клиенти се сигурни, бидејќи Банката има осигурување на целиот свој имот и средства. Паралелно, работиме со истражните органи на утврдување на висината од направената штета, за што  ќе ја известиме јавноста дополнително.-соопштуваат од НЛБ.

До сега не се знае колку пари се земени. НЛБ Тутунска банка беше цел на грабеж и пред две години, кога еден вработен во банката украде околу три милиони евра.

РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ