Силјановска ќе се бори за претседател, Мицкоски очекува победа, Ѓорчев даде поддршка

Во домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, денеска најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ одржа Конвенција на која од 9-те кадидати за претседателски кандидат, ја избраа професорката Гордана Силјановска со 408 гласа, од вкупно 519 делегати кои гласаа. По завршувањето на Конвенцијата, Силјановски изјави дека до сега многу добила од Македонија, и време било таа да и врати на земјата. На ставот на СДСМ дека Конвенцијата е фарса, рече дека доколку било така, немало да се пријави.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски истакна дека Македонија денеска добила мајка на нацијата, а претходно во обраќањето од сцената пред делегатите рече дека Македонија победува на следните избори, додавајќи дека СДСМ бега од избори и дека државните компании ги претвориле во приватни, со како што рече тој, вработувањето на блиски роднини.

Иако Ѓорчев обезбеди само 80 гласови од вкупно 519, рече дека ќе остане во партијата и ќе даде целосна поддршка во престојната кампања.

Денешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ започна со едноминутен молк во знак на загинатите во тешката автобуска несреќа на автопатот Скопје – Тетово. За сите 9 кандидати кои денеска се бореа да бидат претседателски кандидат, заедничко беше тоа што се за ЕУ и НАТО, но не со новото име, Република Северна Македонија.

Професорката Силјановска во своето 15-минутно обраќање рече дека ќе бара да се тргне изборниот цензус во вториот круг на претседателските избори и намалување на бројот на министерствата.

Претседателските избори ќе се одржат на 21 април, а вториот круг на 5. мај.

РЕПОРТЕР ОД СТРУГА: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

©TV21.TV Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира!