Шилегов: Ја разгледувам можноста да поднесам кривична пријава против Коневски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска изјави дека сериозно ја разгледува можноста да поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Аеродром Ивица Коневски.

– Сериозно ја разгледувам можноста да поднесам кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Аеродром Ивица Коневски, имајќи предвид дека вложил средства онаму каде што се пробива трасата. Дел од овие лулашки, дел од ова игралиште за жал ќе мора да бидат отстранети токму поради проаѓање на коридорот. Но, овој коридор како таков постоел во Генералниот урбанистички план, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи за изградба на мостот на булевар „АСНОМ“.

– Какво е лудилото на коридори главни, градски, да вложувате јавни средства за да изградите нешто што било шминка, без да размислувате за реалната потреба како што е мост на пример, тоа е прашање што ќе треба да го прашате Ивица Коневски или ќе го праша Јавното обвинителство, рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов, придружуван од градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар Златко Марин, Борис Георгиевски и Саша Богдановиќ, денеска изврши увид во градежните работи за проширување на булеварот „АСНОМ“ и за изградба на нов мост на реката Вардар.