„Сeверна Македонија“ помина во уставната Комисија, Димовски: Измените да опфатат уште три правни документи

Со 10 гласа за, 5 против и ниту еден воздржан, Комисијата за уставни прашања го усвои предлогот зборот Република Македонија да се смени со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект.

Во текот на расправата пратеникот Илија Димовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ работи со цел уставните измени да бидат што помалку штетни. Освен Охридскиот договор, тој предлага да се повикаат историчарите за да се разгледаат уште три правни документи, со цел да се опфатат во измените на преамбулата.

Другите два предлога на Димовски се, „Тајниот Устав на револуционерната борба“, напишан од Гоце Делчев и Ѓорче Петров, во 1896 година, и „Уставот од 1991 година“ како прв државен акт од независноста на Република Македонија.

Од друга страна, пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, рече дека измената на Преамбулата не треба да се оптоварува премногу со историја. Според него, погрешно е ограничувањето на народите кои живеат во Македонија. Тој со уставните измени бара да се постават темелите на бинационална држава.

„Граѓаните на РМ – Македонскиот народ, да се избрише делот – како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ. Значи, веднаш по “македонскиот народ“ да пишува – “албанскиот народ, Власите, турскиот народ, српскиот народ, Ромите, Бошњаците и другите“, изјави Зијадин Села, пратеник на Алијанса за Албанците.

Во репликата за овие предлози, премиерот Заев рече дека нема да се исклучи ниту една точка што може да донесе важни измени во духот на меѓуетничкиот соживот и евро-атлантските начела. По усвојувањето на првиот амандман, во Комисијата за уставни прашања, продолжува расправата за вториот нацрт амандман, кој се однесува на Преамбулата, а во која се вметнува Охридскиот договор. Одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од заседанието. Третиот амандман се однесува на границите, а четвриот на грижата на републиката за дијаспората и граѓаните во странство.

Репортер: Аднан Ќаили