Северна Кореја потврди дека ја уништила канцеларијата за врски со Јужна Кореја

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Северна Кореја потврди дека ја уништила канцеларијата за врски меѓу двете Кореи во пограничниот град Кесонг.

Официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА јави дека уништувањето на канцеларијата е одговор, како што е наведено, на „олошот“ кој треба „скапо да плати за своите злосторства“, што очигледно се однесува на активисти кои од Јужна Кореја испраќаат пропагандни летоци во Северна Кореја.

КЦНА не објасни детално како е уништена канцеларијата, но информира дека канцеларијата е „трагично уништена во голема експлозија“.

Експлозијата се случи три дена откако сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг  предупреди дека Северна Кореја ќе ја урне „бескорисната“ канцеларија за комуникации.

Претходно, Пјонгјанг ја прекина целата комуникација со Сеул, вклучувајќи ја и „жешката линија за комуникација меѓу лидерите на двете нации“, како и воените комуникациски канали.

Северна Кореја претходно предупреди дека е подготвена да испрати армија во демилитаризираната зона што ги раздвојува двете Кореи.

Индустрискиот комплекс Кесонг е посебна економска зона на границата меѓу Северна и Јужна Кореја, со која заеднички управуваат Пјонгјанг и Сеул.