Се испитува состојбата на возачот, Филипче со мерки, да се забранат сите јавни собири

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Возачот на комбето со кое се превезувала патничката заболена од коронавирус е пренесен во изолација во струмичката болница откако се пожалил на болки во градите и кашлица. Неговата состојба во моментов се анализира, а резултатите ќе бидат познати уште вечерва.

„Спроведен е на посебен начин со целата заштитна опрема во соба за изолација во болницата во Струмица, земени се материјали за анализа. Тој уште првично е сам дома, немал контакти ни со семејството, заради тоа што сам ја контактираше нашата служба се информирал од медиумите кога пациентката беше хоспитализирана.“, вели Филипче.

Резултатите на третиот пациент кој денеска се испитуваше се негативни, а состојбата на пациентката со коронавирус и натаму е стабилна информираше министерот за здравство Венко Филипче. Тој ги повика граѓаните да не креваат паника а воедно најави и дека ќе се проверува состојбата со количините и цените на заштитните маски и дезинфекциони средства откако во јавноста имаше информации дека тешко може да се најдат во аптеките и дека нивната цена се зголемила за неколкупати. Филипче рече и дека Владата ги прифати предложените мерки за препораки за откажување на јавни собири до 6 март.

„Се откажуваат конкретно Струмичкиот карневал, карневалот Прочка во Прилеп, им препорачуваме на организаторите на спортските настани, натпреварите да се одигруваат без публика. Ова го кажуваме конкретно и специфично за овие два карневали и спортските настани во однос на публиката заради тоа што очекуваме на тие настани да дојдат многу луѓе од регионот на северна Италија. “, рече Филипче.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат пак дека на министерот Филипче, состојбата со коронавирусот му излегува од контрола, а дека тој со предложените мерки создава паника. Откако Владата излезе со препораки да не се организираат собири на отворен или затворен простор поради превентивни мерки од коронавирусот претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вели дека очекува партиите да се воздржат од јавни собири.

„Се надевам дека ќе ги почитуваат препораките на Владата. Ситуацијата е таква што мора сите да внимаваме и да се однесуваме одговорно во целата ситуација. Се надевам дека ќе се однесуваат како што треба. “, изјави Дерковски.

Но наспроти ваквите пораки, ДУИ веќе за утре закажа собир со граѓани на плоштадот Скендербег, а ДПА најави дека ќе одржи собир во село Студеничани.