Само ракометарките на Вардар и Мец со максимални три победи во ЛШ

По трите одиграни кола во ракометната Лига на шампиони во женска конкуренција, само македонскиот првак Вардар и францускиот тим Мец се екипите кои досега имаат максимални три победи.

Вардарки во рамките од Ц групата ги победија ФТЦ Будимпешта, Турингер и во саботата норвешкиот Ларвик, па со максимални 6 бода се лидери на табелата.
Тимот на Мец има ист „скор“ како и Вардар, но во Д конкуренцијата во која француската екипа беше подобра од Кристијанштад, Битингем и Будуќност од Подгорица.
Иако од третата рунда во елитното натпреварување останува да се одигра уште еден меч, Вистал Гдиња – Крим Меркатор, сепак овие две екипи неможат да го достигнат учинокот на Вардар и Мец.
Според досега прикажаното, но и постигнатите резултати,  македонскиот и францускиот шампион, се тимовите кои се најсериозни претенденти за највисок пласман, а заедно со унгарски Ѓер и ЦСМ Букурешт, сигурно топ фаворити за место на завршниот „фајнал-фор“ турнир.
Сепак, сезоната е предолга, а тимовите ќе мора да ја потврдат фаворитската улога. Шанса за тоа ќе имаат веќе на 10 и 11 номври кога на програмата се дуелите од четвртото коло.