Само 700 грама: Бетим е најмалото предвремено родено бебе во Македонија

Бетим Себедини од Сингелиќ е најмалото предвремено родено бебе во 5-тиот месец од бременоста на мајката Нуран Себедини. Бебето се родило на Клиниката за Гинекологија и акушерство во Скопје. Бетим, кога се родил имал само 700 грама и 31 сантиметар висина. Причината како што раскажува мајката која и самата е медицинско лице, акушерка, биле инфекциите.

„Сосема ми беше добра бременоста, до крајот на 20-та недела, после почна да се комплицира, лежев во болница и на 23-та недела се роди Бетим“, вели Нуран Себедини – мајка на малиот Бетим.

Гинеколозите не биле оптимисти , но Нуран била решена да се бори до крај. Педијатрите ги посочиле и негативните страни, но благодарение на нив како што вели таа  успеле да се изборат за животот на малиот Бетим.

„Има доста проблеми со инкубатори, има доста проблеми со персонал, со се, ама они беа многу упорни и силни да се борат со моето бебе“, вели Нуран Себедини – мајка на малиот Бетим.

Неизвесноста траела  114 дена, односно 4 месеци колку што останал Бетим на интензивна нега. За мајката тој е подарок за Бајрам, бидејќи еден ден пред празникот биле дома. Сега бебето е во стабилна состојба, со заслабнат имунитет.

„Се трудиме максимално, јас со матичната докторка што беше меѓу тие што се грижеше додека беше на ГАК и продолжува да се грижи, д-р Лилјана Коиќ, се трудиме да го пазиме, го држиме изолирано. Чекаме од министерот тој има порачано РЦД вакцина  што многу значи за нашето дете, оваа недела најверојатно ќе стигне да ја прими“, додава Нуран Себедини – мајка на малиот Бетим.

Оваа РЦД вакцина е важна за развојот на респираторниот систем кај предвремено родените деца, бидејќи тоа е еден од оние проблеми со кои се соочува нивниот организам. Бетим добро напредува  има скоро 9 месеци, 6 килограми и 200 грама.

РЕПОРТЕРКА: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА