Родилки и мајки на деца до шест години за утре најавија протест пред Владата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од следната среда, односно на 23 септември на работа се враќаат родителите на децата до шест години, лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. Согласно владината одлука на работните позиции од 23 септември се враќаат и хронично болните, со исклучок на лицата, кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист.

Родилки и мајки на деца до шест годишна возраст најавија протест утре пред Владата, против одлуката која ги обврзува да го прекинат продолженото породилно отсуство и да се вратат на работа. Мајките бараат промена на одлуката, односно продолжување на отсуството до крајот на годината, како што претходно препорача Комисијата за инфективни болести.

Реагираа и самохраните родители, кои преку здружението Една може нагласија дека со започнување на вонредната состојба, специфични мерки беа креирани за различни групи, а оваа категорија била изоставена и за нив не биле креирани индивидуализирани пакети на мерки. Голем број самохрани родители останале без работа, дел поради тоа што биле дел од неформалниот пазар на трудот, друг дел, како што наведуваат, ги загубиле работните места поради несензибилност на приватниот сектор и немањето разбирање за оние кои немаат опција за чување на децата.

– Трет дел дури сега ќе ги изгубат работните позиции, овој пат поради тоа што на четвратата седница на Влада на Република Северна Македонија одржана на токму оние кои треба да работат и земаат плата од сите граѓани на републикава, донесоа одлука која се коси со здрав разум: „Сите – читај вклучително и самохраните родители, се враќаат на работа од 23 септември – среда, иако учебната година е претумбана да почнува од октомври 2020 година. Од октомври учебната година физички ќе се одвива само од 8:30 до 10:30 часот, порачуваат од Една може.

За министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска нема ништо спорно во одлуката на Владата. Таа смета дека мерката за отсуство од работа на родителите на деца до шест години и на оние со продолжено породилни отсуство станало беспредметно со отворањето на градинките.