Рекорден број на заразени и починати – за 24 часа регистрирани 8 смртни случаи и 196 новозаразени од ковид-19

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонија денеска урива рекорди по бројот на починати и заразени од корона вирусот. Новиот број на потврдени случаи во земјата е 196. Само во Скопје се регистрирани 90 заболени, а висока бројка бележи и Тетово, 45. Куманово има 17, Охрид 11 нови случаи, а Струга и гостивар по 8. Штип има 5 и Битола 4 нови случи. Од почетокот на пандемијата, рекордна бројка има и на починати, дури осум. Најмладиот починат е од Гостивар на 31 година, додека најсториот починат пациент е на 81 години од Охрид. Во последното деноноќие направени се 1213 тестови,  без скрининг тестови, што значи дека сите тестирани биле сомнителни за коронавирус.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека две медицински сестри се во изолација како резултат на случајот поврзан со родилката која не пријавила дека свекорот и е заразен со корона вирус.

„Родилката која што беше во Гинеколошко акушерската клиника, од тука во болницата „Ремедика“, понатаму примена на Инфективната клиника во Скопје  и на свое барање согласно состојбата која што тоа го дозволила во лесна состојба таа заминала на домашно лекување. На ГАК 16 медицински сестри се во изолација, но не од овој случај, од овој случај, само две“, истакна Венко Филипче.

Во моментот во државата хоспитализирани се 261 лице, а само вчера на Инфективна и во ГОБ 8 септември примени се 28 пациенти. Голем е бројот и на лица кои се во изолација или самоизолација. Во изминатите 24 часа во земјава на 790 лицa им се издадени решенија за изолација, а 214 лицa потпишале изјави за самоизолација.

Од МВР пак информираат дека од вчера до денеска само шест лица не ја почитувале оваа мерка.