Регионов без ПСР тестови?! Но со карантински мерки

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Се уште се чека одговорот од дел од соседите за идејата да се отворат границите во регионов со една заедничка политика да не бидат потребни ПСР тестови. За ова изминативе неколку недели  интензивно се разговарало на регионално ниво и се очекува и наскоро да биде донесен заеднички договор. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека очекува да се донесе разумна одлука, но кога би можела да се случи тоа не сакаше точно да прецизира. Во некоја од соседните земји состојбата драстично се менува и затоа рече дека не се сака да се брза со тоа кога би можело тоа да се реализира, но идејата да се отворат границите вели останува.

„Најавивме во неколку наврати претходните недели дека ќе имаме некаква одлука, но за жал го чекавме одговорот од соседните земји. Конечно одговорија во текот на изминатата недела, профункционира системот на координација кој сега е поддржан од Американската амбасада во Скопје“, вели Венко Филипче.

Но дали и Бугарија и Грција ќе можат да влезат во овој пакет бидејќи како членки на Европската унија имаат посебни протоколи министерот за здравство Венко Филипче вели дека земјите од унијата имаат само препорака, но немаат генерална политика по прашањето и секоја земја може сама да носи одлуки каков ќе биде режимот на границите.

„Искрено се надевам дека дефинитивно ќе се разменат сите информации и врз основа на тоа што значи точна епидемиолошка ситуација во секоја од земјите на Западен Балкан плус Бугарија и Грција ќе заземеме заеднички став. Комуникацијата се базира на тоа дека превентивните мерки треба да се почитуваат насекаде во било која од земјите“, додава Филипче.

Негативен ПСР тест не постар од 72 часа стана услов за патување во земјите низ регионот со исклучок на Албанија и на Турција. Условот не важи за транзит низ земјите но потребно е да се запази рокот во кој треба да се напушти земјата.