Продолжува блокадата на депонијата – „Русино“ затворена додека не се најде на нова локација

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Движењето „Стоп Русино“  уште 10 дополнителни дена останува на влезот на депонијата Русино, и нема да дозволи истовар на комунален смет и палење на истиот. По средбата што ја имале со општина Гостивар, едногласно одлучиле да побараат од Министерството за животна средина -депонијата да се дислоцира и да се изнајде нова локација.

„Одлучивме блокадата да продолжи и во наредните денови. Бараме да се затвори депонијата. Тука се носи отпад од секаде. Бараме да се најде нова локација и што поскоро да се отвори нова депонија со европски стандарди“, вели Фатби Иљази.

Орџан Врескала, од ова движење вели дека нема да се откажат сѐ додека не се затвори депонијата и не се изнајде нова локација која ќе ги задоволува современите европски стандарди

„Првично разговаравме со општина Гостивар, при што и општината достави барање до Министерството за животна средина за затворање на депонијата Русино и изнаоѓање нова локација со европски стандарди. Нашата главна цел е да се дислоцира оваа депонија и да се отвори нова со европски стандарди“, посочи Орџан Врескала.

Депонијата Русино веќе неколку месеци гори, поради што жителите на Гостивар дишат загаден воздух. Поради тоа, пред неколку недели беше организиран протест за затворање на депонијата, а пред 10 дена активистите на Движењето „Стоп Русино“ го поставија рампа на влезот на депонијата и не дозволуваа полошките камиони, освен гостиварските да истовараат комунален смет.