Приведени возачот и сопственикот на „Дурмо турс“ – брзината и сопирачките причини за несреќата кај Ласкарци

Неприлагодената брзина, техничко неисправните сопирачки на автобусот и манипулирањето со тахографот се причините за кобната сообраќајка кај Ласкарци, во која загинаа 15 лица. Ова го покажала истрагата на Основното јавно обвинителство, по сите извршени вештачења. Иако дозволената брзина за овој автобус била 80 километри на час, јавниот обвинител Сашо Рајчев, вели дека автобусот се движел со 99км на час. Според него, во автобусот бил инсталиран  уред за манипулација со тахографот.

По наредба на ОЈО од слобода се лишени сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, возачот на автобусот, вработените во станицата за технички преглед, како и лицето кое извршило преглед на тахографот и издал потврда дека е исправен. Според Кривичниот закон, приведените се товарат за тешки кривични дела против безбедноста на граѓаните во сообраќај. За шестмината, ОЈО побара 30-дневен притвор, додека за седмото лице мерки на претпазливост.

Според сознанијата на ОЈО, траги на кочење на автобусот се забележани само кога возачот ја пробил заштитната  банкина, но поради тоа што сопирачките не биле исправни, било невозможно автобусот да запре.  Од Обвинителството информираат дека истрагата ќе продолжи, и додаваат дека уште денеска се повикани на распит очевидците на настанот. Според вештачењето, возачот за време на трагичната несреќа не користел телефон. Медицинските наоди докажале дека возачот бил дијабетичар, но сепак, како што велат од ОЈО, неговата болест не била причина за несреќата.

Во несреќата која се слуќи на 13 февруари загинаа 15 лица, а десетици други беа тешко повредени.

РЕПОРТЕРКА: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

©TV21.TV Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира!