Преписки меѓу Шилегов и Ганиу – кој го изгради кружниот тек во Чаир?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во јануари, на почетокот на градежните работи за кружниот тек во булеварот „Втора македонска бригада“ во Чаир увид извршија заедно Висар Ганиу и Петре Шилегов. Но, на крајот на овој проект, поделени мислења. И двајцата градоначалници се обидуваат да ги припишат заслугите за изградбата на овој кружен тек. Ганиу пред два дена преку Фејсбук го најави кружниот тек како завршен проект. Напиша дека заврши ефикасен и квалитетен работен процес во агендата на соработка помеѓу Општина Чаир и Град Скопје. Но, изгледа фалењето не му се допадна на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Тој вчера зад камерите им рече на новинарите дека заслугите се на Град Скопје и дека градоначалникот на Чаир не направил нешто за овој кружен тек.

Кога слушна Висар Ганиу, веднаш реагираше. Тој не сакаше да даде изјава пред камерата на ТВ21, но со отворено писмо му се обрати на Шилегов.

„Па така, каква е таа раскажана сторија од ваша страна денес дека Општина Чаир го нема финансирано овој проект, па дури и се чудите со нашиот искажан ентузијазам за кружниот тек во Чаир, кој проект иако беше предвиден да заврши со буџетот од првата година на вашето владеење, денес доаѓа задоцнет после три години па затоа дури и се чувствувате горди.“, напиша Ганиу.

Шилегов не негираше дека ова е резултат на изборната кампања која неофицијално почна меѓу политичарите.

Шилегов му посака што побрзо закрепнување на Ганиу, а како што рече, откако ќе го надмине вирусот ќе седнат за да ги објаснат недоразбирањата. Висар Ганиу му порача на Шилегов дека овој проект требало да биде завршен во првата година од мандатот и дека за многу други проекти на Општина Чаир, првиот човек на Скопје не покажал заинтересираност, додавајќи дека концептот „ Едно општество за сите“ не е до никаде.

Ваквите преписки меѓу партнерите во власта, односно владината коалиција, за тоа чии се заслугите за одредени проект, се актуализираат пред изборите.

Инаку кружниот тек кој го поврзува булеварот „Втора македонска бригада„ и улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир чинеше 19.5 милион денари.