Пошта работи со 10 милиони евра загуба, во време на финансиска криза склучила договор за менаџерско осигурување

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од 2012 година, АД Македонска пошта работи со загуба од околу 10 милиони евра, од кои 2.5 милиони се само од 2018 година, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија.
И покрај ваквата состојба, Надзорниот одбор на Пошта одобрил склучување на договор за менаџерско осигурување, нешто што според Законот за Акционерско друштво можеле да не го направат во време на влошена финансиска состојба.

„Но и покрај тоа, Надзорниот одбор одобрил склучување на договори и полиси за осигурување за периодот од април 2018 до април 2019 година. Од страна на осигурителната компанија по овој основ е доставена фактура од 2,76 милиони денари (речиси 45 илјади евра), која е платена од сметката на Пошта.“, велат од Државниот завод за финансиска ревизија.

Извештајот покажува дека со менаџерското осигурување се опфатени 7 директори на Пошта. Прашан зошто потпишал такви менаџерски договори во време на тешка финансиска состојба на Акционерското друштво, Генералниот директор на ова институција, кој е на ова функција од септември 2018 година, за ТВ21 тој рече дека не гледа законско прекршување со овие договори.

„Овие менаџерски договори не ги донесува Управниот совет, каде јас сум претседател, туку Надзорниот одбор и тој дозволува таков договор. Затоа не гледам законско прекршување и во Извештајот за ревизијата пишува дека Надзорниот соодорвет дозволува и треба уште еднаш да ја разгледа дозволата за таков менаџерски договор, но ние претходно немаме потпишано такво нешто и фактички, во 2020 година немаме менаџерско осигурување.“, рече Ејуп Рустеми.

Прашан, зошто Пошта сите овие години работела со 10 милиони евра загуба, Рустеми рече дека тој може да зборува само за периодот од кога тој е во функција, септември 2018, кој го оценува како најдобро менаџиран период.

Тој рече дека во 2017 година загубата била 184 милиони денари, во 2018 – 166 милиони денари, а во 2019, според Рустеми, загубите се намалиле на 65 милиони денари, тоа е 100 милиони помалку.

2020 година ќе биде тешка поради кризата предизвикана од Ковид-19. Генералниот директор за ТВ21 рече дека планирале годинава да работат со добивка, планот бил да има околу 25% зголемување на меѓународниот сообраќај, но за последните 3 месеци тоа е нула.