Помина и јануари, инверторите до никаде – Скопје наскоро ќе отвори повик

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Помина и јануари, а граѓаните на Скопје, Тетово, Битола и Кичево сè уште не ги добија субвенциите за инвертори кои беа најавени од септември минатата година. ЕСМ средствата за субвенции ги префрлиле во 4 општини, но истите сè уште не објавиле повик граѓаните да аплицираат за субвенциите. Од Град Скопје велат дека тоа се очекува да се случи наскоро но не откриваат кога.

Минатата недела Владата формираше комисија која ќе врши надзор на постапката за распределување на субвенциите. Во комисијата има членови од Министерството за животна средина просторно планирање, Министерството за информатичко општество и администрација, вицепремиерот за економски прашања, Министерството за економија и Електрани на Северна Македонија како и невладини организации. Меѓу нив е и „Еко Герила“ од Тетово.

Аријанит Џафери од ова здружение рече дека се уште не добиле известување од Владата и не знаат која ќе биде нивната улога но изјави дека имаат сериозни сомнежи за тоа како ќе се делат субвенциите.

Од страна на Владата немаме никаква дополнителна информација, никаков повик за средба за појаснување, за кристализирање на ставовите и нашите забелешки во врска со распределбата на инверторите, бидејќи имаме сериозни сомнежи за начинот на распределба да не биде за собирање политички поени.

Субвенциите за инвертори беа една од мерките за намалување на аеро загадувањето во Скопје, Тетово, Битола и Кичево, бидејќи со тоа се предвидува да се смени начинот на греење во домаќинствата. Значи да се отстранат шпоретите на дрва и наместо нив да се постават инвертори. Тие предвидуваат да се доделат на места каде нема систем за централно греење и гасификација, а субвенцијата не се очекува да надмине вредност од 60.000 илјади денари. Субвенциите беа најавени во септември минатата година но граѓаните велат дека сè уште не ги добиле.