По емисијата „И јас сум тука“, помош за семејството Османи од Бутел

Облека, душек, храна и лекови за семејството Османи. Откако побараа помош преку емисијата “И јас сум тука“, два дена по ред пристигнува помош за четиричленото семејство од хуманите граѓани. Се чини дека сторијата за тешката состојба на семејството допре до срцата на хуманите луѓе. Неколку млади лица, кои не сакаа да зборуваат пред камерата, се активираа за собирање храна за семејството Османи.

„Ми дадоа јоргани, дај Боже на сите да им се помогне. И ќебиња ми донесоа за преку зимата, облека, јас сето тоа го немав, многу им благодарам на сите што донираа“, вели Фердес Османи.

Домаќинот рече дека се заблагодарува на сите хумани луѓе кои помогнаа во најтешките денови.

„Синоќа ми подарија радијатор за греење, јас сум задоволен, само Господ знае“, изјави Реџеп Османи.

Најмногу се израдува мајката на децата. Таа рече дека не може да ја опише радоста со зборови.

„Благодарам многу, Господ да ги чува сите кои ни помогнаа, многу се израдуваа децата сега имаат за јадење, им благодарам многу на сите.“, рече Фердес Османи.

Еден од донаторите кој на семејството им даде неколку душеци и облека за децата, рече дека морална обврска е на сите граѓани да им помогнат на сите кои имаат потреба.

„Јас сум од ромската заедница, јас не правам дискриминации, не ми е важно дали е Македонец, Турчин или Албанец. Имаме обврска да им помогнеме на сите кои имаат потреба.“, изјави Геге Димеровски.

Децата ги оставивме со раце полни со слатки. Семејството Османи живее во социјална барака во Бутел, па затоа нивен сон е да имаат свој дом. Домаќинот, Реџеп рече дека Министерството за труд и социјална политика, им понудило сместување во Чичино Село, но тие ја одбиле понудата.

Репортер: Африм Јонузи